Песни од „Канурки“.

Деновиве си ја каталогизирам библиотеката (не ни претпоставував дека ќе ми биде толку интересно, тотално се вљубив во веб-страницава) и налетав на една од моите први, и најсакани, книги: „Канурки“ од Олга Арбулјевска.

По којзнае кој пат пак ја прочитав, и иако секогаш различно ја разбирам -- и никогаш сосема -- секогаш одново им се восхитувам на стиховите. Во „Историја на македонската книжевност: ХХ век“, Миодраг Друговац за неа напишал: ОЛГА АРБУЛЈЕВСКА (Ниш, 1949) [...] ретко се јавува со книга (Канурки, 1972; Икителија, 1981). Најави една игра, со мера и такт, меѓу архаичниот идиом и модерниот вербален знак, со тајни семантички и еуфониски врски, оставајќи впечаток на трпелив кујунџија којшто ја знае цената на искрењето што така волшебно блескоти меѓу чеканот и наковалната на древниот Хефест.“ Откако ја прашав авторката дали смеам да објавам неколку песни од „Канурки“ овде, и таа ми дозволи, еве кои ги одбрав:

Пролог

Опелото
Иднината на телото
За мене беше
неважна работа
                          трпението
Го изгубив на одарот
Чекајќи го
                  Гробарот
што требаше да ме закопа
                                            И пропеав...


Средба со падарот

Кинисај
Кинисувам
Со сонце на маждрак набодено
Сардисај ме

Ќе ме сетиш по вијот на песиштата
пасиштата ти ги крвјосав
Пред мрачило до бачилата ќе стасам

Невеста од невен да заневени

Кинисуваш
Кинисувам
Нишан да размениме
Ајде

Јас тебе сонцето ти мене маждракот
По изгорените ливаѓе да се ничкосуваме.


Падарот на моите полиња

Од пченкомлеч доилка натежната
Го задојувам
Во пескулот златоплам го заробувам
Падарот во моите полиња

Му веќавам тајни и потајум
Го мамам
Во подземните води јас света жена
Во земјата да занесам

Го нагрстувам и го распрснувам
На сите страни
Откаде доаѓаат ветровите

Зелени жени во царевките ми го крадат.



Збратимување

Ајде да се збратимиме
Оти за тебе ќе ме омажат

Од тупањето во тапаните
кожата ми испукува

Ровја се облизни во кледникот

Ајде да се збратимиме
За мене да не те оженат

Зурли завиваат, побрзај
додека очите не ми истекле!


Малешевска

Се коптисаа два вранци
од сенките до семките
во црницата
во мрачнината на тревите
Зелен ветер ги гони.
Два ветроштина
над Малеш планина
мале ле, мале ле...


Сенката на Букефал

Од далеку дојде скитник ождребник
насоне доезди, најаве одезди
Никој не го забележа

Жолтомлеч од сини дојки исушени
ги обои тревите, пред изгревите
во воздухот се шират колежи

Ждребни виждат ждребиците
ездењето им го подврзувам
Со зелени преѓи самоврзана --

никој не ме забележа во гниежот
на корењето, со бодежи прикована
од небото се преведувам

во горењето на тревите;
распојасена, оглавете ме насоне
оти на јаве ќе ви избегам!

Од далеку дојде скитник ождребник
насоне доезди, најаве одезди и никој
не забележа како земјата
Од копита вжештена занесе...


Епитаф

Од чело ми чемерика билка изникна
             Семето ми е отровно!
             Не жалам земјо,
Не жалам -- Знаев барем да умирам...

Сите песни: Олга Арбулјевска, „Канурки“
(Современост, 1972).