Каталогизирајќи си ја библиотеката (уф, ама долги зборови!) ја најдов и „Фаличен месечар“ од Лидија Ш. Дну (на корицата; во книгата: Лидија Шопова). Ми текна на времето кога првпат ја читав пред петнаесетина години; страшно ми се допаѓаа нејзините игри со зборови, алузии на поп-културата, надреалистички моменти и смисла за хумор. На пример, наместо биографска белешка пишува: „ЛИДИЈА ШОПОВА - нескротлива амандарка, алово алосана екстра гинеачка, и глаголат гиздалка глембава глетка за конзервативците гласно манифестирам дека останувам Шопенов сонорен близнак, Лидијански овенов подзнак дива свиња во питома Кина актинидија низ астеричко соѕвездие. Самопрегорно Ве поздравувам.“За жал, првата книга од Шопова е единствената што воопшто сум ја видела, а ни на интернет не можам да најдам други нејзини песни -- но еве неколку од збирката (без дозвола од авторката; ако некогаш случајно ги види тука, ù благодарам и самопрегорно ја поздравувам!).
Минута по ...минута
Додека пред будоарот
љубопитно ги следам
љубичестите контури
на запоставените години
и ковам план, како
да бидам поетеса
на вашите срца
поштарот ѕвони три пати
и ми остава писмо
од почитуваната Клео
-- му рече слонот
еден ден на лавот
„Сигурно во следниот живот
ќе бидам паун“
Петок
Петок е ден кога ништо не ми поаѓа од рака
Петок е ден кога го заборавам карминот во продавница
Петок е ден кога раскинувам со момчето
Петок е ден кога одам со кучето на Водно
Петок е ден кога показалецот на ногата ми загнојува
Петок е ден кога пријателите одат на забави
Петок е ден кога јадам гирици со мајонез
Петок е ден кога во бојлерот немам топла вода
Петок е ден кога сакам да е Четврток
Петок е ден кога не сум родена
Петок
Фаличен месечар
Да знаев дека гиздавите ноќници
ќе бидат повторно во мода годинава
ќе ги чував за некоја ваква пригода
и сега ќе бев антикварна фистула
така што и маслинестиот брадест господин
не ќе беше во можност да го заобиколи
мојот деби настап
и јас во чест на Милеровото доба
ќе говорев Ерикини стихови
предизвикувајќи ве да паднете во занес
предлагајќи ми сензационални деколтирања
Да, но и јас имам страв од летање
страв од метежно бдеење
страв од секојдневно секојдневеење
и слободно ви дозволувам Вам
педантен господине
да ми подарите шлаканица
во знак на револт поради мојот
сомнабулистички приод
Зарем не знаевте дека сум
фаличен месечар
Сите песни: Лидија Шопова, „Фаличен месечар“
(Книжевна младина на Македонија, 1991).
(Книжевна младина на Македонија, 1991).

