
Пат Боран
Мртва природа со моркови
Кога ќе најдам морков, како овој,
исушен, заборавен во витрината
зад шишиња масло, билки и зачини,
сите тие новодојденци, силината
со која ме привлекува е огромна. Небаре
оброците што ми го направиле векот,
егзотичните трпези на кои сум седел,
никогаш не ни постоеле, небаре во текот
на водење љубов на поранешна љубовница
сум се сетил, или соседот, одамна на оној свет,
затропал на врата и, како на времето, си влегол,
оставајќи земјани траги од својот гроб зад себе.
Учтивоста ме пресретнува. Речиси исто кревок
како татко ми во неговиот болнички кревет
во тие последни долги месеци, овој морков
како да сака нешто да ми каже. Точно, еве,
на крај силното слабее, гордите стануваат
згрбавени и тажни. Тие што се изгубени
веќе не се препознаваат ни себеси.
А така е и со нашите љубови растителни:
грашокот се збрчкува; доматот плаче
и плаче еден цел ектоплазматски бербат;
марулата потемнува како стара книга;
компирите знаци на страдање ’ртат;
но морковите, чекајќи да ги најдеш, само си се сушат
додека чиниите на масата, како планетите, си кружат.


