За мајка ми (дај Боже да наследам половина од нејзината сила)
Мајка ми го сакаше татко ми
го пишувам ова како апсолут
во оваа моја триесетта година
година да се отфрлат апсолутите
се појавил, судбината ù скриена,
како играч на неделниот крикет натпревар,
дојавал од земја оддалечена
сто милји јужно од нејзината.
Таа ми вели облечен бил како што доликува,
наконтен посетител, црвенокафено палто,
кремави панталони, работ испеглан ко жилет,
со беретка и двобојни чевли.
Татко ми застанал да позборува со сестра ù,
сè дури не ја здогледал неа под олеандарот,
сигурна во кралството на мојата синоока баба.
Не стигнал да игра крикет тој ден.
Ја заведувал со зборови и ја освоил.
Освен зборови немал ништо со што би ја завел,
кога бил на пат во далечниот Кингстон ù пишал,
"Стоев на аголот на улицата Кинг и гледав,
и ниту една жена во градов не е убава како тебе".
Мајка ми била дете од ситната буржоазија
и учела за учителка, си ги мачкала рацете со масло
за да ги држи пенкалата. Татко ми одвај и
да си го знаел татка си, мајка му умрела млада,
бил момченце што го пораснала баба му.
Чеизот на мајка ми стасал со пароброд преку снеговите на Монтреал
каде што нејзините сестри, Алберта со јаболчиците и
вечната Ружа, ги чешлале еврејски-осветлените улици
со француски имиња за венчалните нешта на Дорис.
Таква свадба реката Харви, во Хановер, никогаш не видела.
Кој видел дотогаш вел од петнаесет јарди тантела?
и фустан од кинеска креп свила со свилени карнери
и отвор околу вратот порабен со бесценети брошеви!
И на денот на свадбата плачела. Оти во тоа време дрска била
таа невеста што се смеела.
и букетот им се гледал на луѓето како сноп жито
врз таинственоста на нејзиниот стомак, сноп жито обвиен
со папрат нежна ко коса на девојка, како знак на реката Харви
а лицето не ù било измиено со речна вода, ами со нешто друго.
Татко ми направил еден заповеднички потег, го зел
увезениот ангел
од височините на тортата и го притиснал врз меката област
меѓу нејзините гради . . . и таа заплакала.
Кога ја запознав мајка ми многу години подоцна, ја знаев како фигурата што седеше пред првото нешто што научив да го читам: "СИНГЕР",
и го доеше брат ми додека шиеше; и нè учеше да читаме додека
шиеше и кога се расправавме судеше кој е во право додека шиеше.
Умееше да прави чуда, да сошие облека од квадрат платно
дури да трепнеш. Или да нахрани дваесетмина со манџа
направена од исушени листови зелка и морков и тропска тиквичка
и една шака месо.
И стануваше рано и не испраќаше испрани на школо и си легнуваше
во црна темница, оти татко ми секогаш се враќаше последен.
Има едно место на кое мајка ми никогаш не ги однесе помалите
земја во која татко ми со постојаната насмевка
татко ми кого сите жени го сакаа, кој ја имаше вечната способност да се восхитува
што ја имаат само децата . . . си ја повредил невестата.
Дури и на неговиот погреб имаше една 'Пријателка' што стоеше крај неа,
но мајка ми решително вели за тоа нема место во споменот на татко ми.
Кога тој умре, таа им соши црни фустани на жените во семејството
и го привика тој од со исправен грб, кој ни го има дадено и нам,
и го закопа со суви очи.
Но тоа утро, неколку недели потоа,
стоеше породувајќи банани од лушпите
и пееше со тој нејзин монотон селски глас.
се спушти една нота кон сознанието дека
не мора да е храбра, само овојпат,
и заплака.
За нејзините раце огрубени од што израснала девет деца
за нејзиното тело веќе дваесет години постојано дебело
за времето кога ја заложи својата машина за школарината
за последната година на сестра ми на Кембриџ
и за болката што ја издржуваше со очи на кралица
а плачеше и бидејќи го сакаше.
Превод од англиски: Магдалена Хорват.
Од „Пленици на радоста и на тагата:
Современа карипска поезија“ (СВП, 2006).
Од „Пленици на радоста и на тагата:
Современа карипска поезија“ (СВП, 2006).

